Јован Деспотовски, кандидат за претседател на СДСМ продолжува со средбите на терен. Членовите во Крушево и Кичево ја истакнаа потребата од неопходна реформа на партијата и се наметна дебатата за тоа како ќе делува СДСМ како опозиција по изборот на новата Влада.
“На членовите, граѓаните и на земјава и е потребен силен СДСМ кој ќе се наметне како водечка, но и конструктивна опозициска партија и во Парламентот и на сите други нивоа. Со мудра политика и дефинирани јасни ставови за сите прашања кои не засегаат и како држава, а особено за се она што ги засега граѓаните. За да си го вратиме интегритетот и местото во општеството мора да преземеме храбри и одлучни чекори. И ова не е избор, ова е чин на одговорност што им го должиме на сите наши членови,“ порача Деспотовски и додаде:
„За да имаме функционална демократија, настапот на опозицијата е форма на лидерство подеднакво важно за заштита и служба на интересите на граѓаните, како што е и кога партијата е дел од мнозинството. Гласна, проактивна, критична, конструктивна за сè што е од интерес на сите граѓани. Пратениците, во соработка со партиските тела и комисии, после 30.06 ќе мора детално да ги анализираат и потоа коментираат предлозите кои доаѓаат од владејачкото мнозинство, но и активно да предлагаат решенија кои произлегуваат од потребите на граѓаните. Новиот СДСМ станува движечка, основна опозициска сила во Собранието,“.
Во програмата се предвидува и новиот СДСМ како опозиција, не само да ги користи расположливите механизми не само во Собранието, туку да гради капацитети да дејствува и како „Влада во сенка”, водејќи се од принципите на професионализација и експертиза на тимот. Нивната задача е тридимензионална: прво, дебатирање и коментирање мерки што ги носи владата во одреден ресор; второ, предлагање мерки што би биле корисни за одреден ресор во државата што ќе бидат новина за владата, или алтернативни решенија на решенијата што ги нуди владата; и трето, постепено формирање личности потенцијални носители на високи функции во иднина и нивно промовирање пред граѓаните.
Ресорите во „Владата во сенка“ ќе работат во состав и со поддршка на тела (комисии) што ќе се формираат во рамките на партијата за одредени области (економија, надворешна политика, здравство, образование, социјална политика, зелена агенда итн.). Работењето на „Влада во сенка“ е критично зависно од изборот на личностите кои ќе членуваат во неа. Раководството на новиот СДСМ ќе се грижи првенствено за квалитетот и докажаноста на луѓето кои ќе членуваат во телата на владата во сенка. Во таа смисла, ќе постои континуиран напор за привлекување нови луѓе (кои не се членови на партијата) за членување во тела на владата во сенка. Меѓу останатото, владата во сенка ќе се користи и како механизам за привлекување нови членови во партијата, пред сè млади луѓе, пишува во програмата на Деспотовски.